August 27, 2025 | | Македонија
Сопственикот на Тиквеш, Осман Таш, конечно проговори за шпекулациите кои кружат околу финансиската состојба на клубот. Турскиот бизнисмен призна дека кавадаречкиот прволигаш навистина се соочува со потешкотии, но увери дека ситуацијата е под контрола и дека проблемите ќе бидат надминати. „Секој клуб на почетокот минува низ тешки моменти, но тука сме да се избориме со проблемите, а не да се откажеме. Минатата сезона во Македонија имаше многу клубови кои со месеци не исплаќаа плати, а тоа е проблем насекаде во светот. Ние сме на почеток на еден долгорочен проект – и нема да дозволиме да ни ставаат камења на патот. Моја цел е да се пишува како игра Тиквеш, дали нашите трансфери се добри или дали на теренот даваме сè за нашите навивачи. За финансиите се грижам јас лично – а не некој од страна. Не бегаме, сакам да им прикажеме добар фудбал на луѓето и истовремено од корен да ја зајакнеме нашата академија. Не сме дојдени за еден месец – тука да пишуваме историја на долг рок“, ни изјави сопственикот на Тиквеш. Во јавноста се појавија информации дека градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, би можел да го преземе клубот поради наводни неисплатени плати. Таш категорично го демантираше ова сценарио, но избегна директно да одговори на прашањето дали навистина има долгови кон фудбалерите и колкав е нивниот износ. Фудбалерите на Тиквеш на стартот од сезоната не блескаат на теренот – по првите три кола имаат освоено само еден бод, и тоа по ремито дома со Работнички, додека беа поразени од Вардар и Башкими. Со овие резултати, притисокот врз клубот и сопственикот дополнително расте, а останува да се види дали финансиската стабилизација ќе донесе и подобри изданија на терен.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |