Шпанија ја понижи Турција, Германија со прва победа во квалификациите за Мундијал (ВИДЕО)

September 7, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Шпанија ја понижи Турција, Германија со прва победа во квалификациите за Мундијал (ВИДЕО)

Актуелниот европски шампион Шпанија ја продолжи серијата импресивни настапи во квалификациите за Светското првенство и по два меча има совршен биланс – девет гола постигнати, ниту еден примен (9-0). По победата над Бугарија (3-0), вечерва „фуријата“ приреди вистинска фудбалска лекција во Коња, совладувајќи ја Турција со 6-0 – најтежок пораз за турската репрезентација во овој век. Последен пат со ваква катастрофа (0-6) Турција загубила во 1984 година од Англија. Катастрофата ја најави Педри во 6. минута, а потоа Мерино со два гола на асистенции од Ојарзабал го реши првото полувреме. Во второто, за само девет минути, паднаа уште три гола – Торес, Мерино (хет-трик) и повторно Педри ја запечатија најубедливата победа на Шпанија во последните години. Во друга вечерна пресметка, Германија конечно се врати на победничките патеки. По шокантниот пораз од Словачка на стартот, „панцерите“ со 3-1 ја совладаа Северна Ирска во Келн. Иако до 69. минута резултатот беше 1-1, Амири и Вирц донесоа олеснување и први бодови за германската селекција во овој циклус.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.