Новиот „Рамос“? Два црвени картони на девет натпревари за Реал

September 14, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Новиот „Рамос“? Два црвени картони на девет натпревари за Реал

Иако Дин Хујсен засега има добри настапи за Реал Мадрид, сепак има ситуација која може да го загрижи Алонсо. Шпанскиот репрезентативец летово пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ од Борнмут за 62 милиона евра, во трансфер кој клубот го гледа како долгорочна инвестиција. Има само 20 години и веќе одигра девет натпревари за „кралевите“. Во тој период Реал прими само пет гола, но проблемите се поинакви – Хујсен двапати беше исклучен. Првиот црвен картон го доби во 95. минута против Борусија Дортмунд на Светското клупско првенство, а вториот дојде вчера, рано во 32. минута против Реал Сосиедад. Тоа значи дека стоперот моментално има просек од еден црвен картон на 4,5 натпревари. За споредба, дури и Серхио Рамос, кој важи за „рекордер“ во исклучувањата, доби 24 црвени картони на 671 настап за Реал – што е едно исклучување на 28 меча. Затоа медиумите во Шпанија веќе го споредуваат младиот Хујсен со легендарниот Андалузиец, но во негативен контекст. Реал по вчерашниот меч упати критики кон судиите и најави дека црвениот картон за Хујсен бил престрог.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.