Трагедија во српскиот фудбал: Почина поранешниот репрезентативец Дејан Миловановиќ

September 17, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Трагедија во српскиот фудбал: Почина поранешниот репрезентативец Дејан Миловановиќ

Српскиот фудбал вчера беше зацрнет од трагичната вест – на само 42-годишна возраст почина поранешниот фудбалер на Црвена ѕвезда и српски репрезентативец, Дејан Миловановиќ. Несреќата се случила попладнево за време на натпревар меѓу ветераните на Звездара и ПКБ. Миловановиќ, кој претходно успеал да постигне гол, паднал на тревникот во моментот кога требало да изведе корнер. Брзата помош веднаш реагирала и успеала да го реанимира, по што бил пренесен во болницата во Звездара. Сепак, по втор срцев удар, лекарите не успеале да му го спасат животот. Лигата на ветерани ја потврди тажната вест и соопшти дека следното коло, закажано за 18 септември, ќе биде одложено во знак на почит кон Миловановиќ. Дејан Миловановиќ ја мина целата младинска школа во Црвена ѕвезда, а во 2001 година дебитираше за првиот тим и носеше капитенска лента. Со „црвено-белите“ освои четири титули, а подоцна настапуваше и за француски Ленс, грчки Паниониос и Вождовац, каде што ја заврши кариерата во 2014 година. Во дресот на Црвена ѕвезда одигра вкупно 230 натпревари и постигна 48 голови, а за сениорската репрезентација на Србија имаше два настапи, додека за младинските селекции собра 23 меча.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.