Реал повторно ја бојкотира Златната топка

September 21, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Реал повторно ја бојкотира Златната топка

Напнатите односи меѓу Реал Мадрид и организаторите на Златната топка – магазинот Франс Фудбал – и годинава остануваат неизгладени. И покрај бројните обиди за помирување, од „Сантијаго Бернабеу“ повторно донесоа одлука да не испратат ниту еден претставник на свечената церемонија во Париз, која ќе се одржи утре со почеток од 19:45 часот. Незадоволството на „кралевите“ датира од минатата година, кога наградата за најдобар фудбалер отиде во рацете на Родри, а не на Винисиус Жуниор – нешто што клубот го оцени како „несправедливо игнорирање“ на заслугите на нивниот играч. Тогаш Реал во последен момент го откажа патувањето за Париз и испрати низа остри соопштенија во кои директно го обвини Франс Фудбал за непочитување и пристрасност. Иако неодамна беше објавено дека Франс Фудбал се обидел да ги затопли односите со најтрофејниот клуб во Европа, тие напори очигледно не вродиле со плод – од Реал и оваа година одлучија да ја бојкотираат манифестацијата. Според најновите прогнози, главни фаворити за Златната топка оваа година се Усман Дембеле од ПСЖ и Ламин Јамал од Барселона.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.