Тениската легенда за Јамал: Славата може да го уништи за 10 години

September 26, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Тениската легенда за Јамал: Славата може да го уништи за 10 години

Иконата на тенисот, Борис Бекер упати сериозно предупредување до младиот феномен на Барселона, Ламин Јамал, кој и покрај сензационалниот почеток на кариерата, сè почесто е во центарот на внимание поради настани надвор од теренот. Јамал дебитираше за Барса со само 15 години и уште пред да стане полнолетен веќе ги освои Ла Лига и Европското првенство, беше втор во трката за Златната топка и двапати по ред ја доби наградата за најдобар млад играч во светот. Но, последните месеци славата почна да носи и сенки – медиумите пишуваа за одмори со манекенки од Онлифанс, контроверзна роденденска прослава со „џуџиња“ и модели, како и за неговиот сè погласен животен стил. Бекер, кој како 17-годишник го освои Вимблдон и до денес е најмладиот шампион во Лондон, добро знае што значи раната слава и јавниот притисок. „Ламин е прекрасен, моментално најдобар млад играч на светот. Ме потсетува на мене кога имав 17 години – сè блеска, сите зборуваат за тебе, а ти мислиш дека си недопирлив. Но, токму тогаш ѕвонат алармите. Го изгуби целосно својот приватен живот, сите му приоѓаат од интерес, семејството му стана богато преку ноќ. Ако не внимава, ризикува сериозни проблеми за 10 или 15 години. Мора да има луѓе околу себе на кои може да им верува, сериозна мрежа која ќе го чува од токсични пријатели и од сопствената наивност“, предупреди Бекер.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.