October 8, 2026 | | Свет
Пеп Гвардиола повторно ќе биде на „Етихад“, овојпат како гостин. Според BBC Sport, поранешниот менаџер на Манчестер Сити следната недела ќе присуствува на натпреварот од Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен. За Гвардиола тоа ќе биде прво враќање на стадионот откако по една деценија го напушти клубот. Шпанскиот стратег остави огромно наследство во Манчестер, освојувајќи 20 трофеи, меѓу кои шест титули во Премиер лигата и една Лига на шампиони. Неговото враќање доаѓа во период кога Сити се соочува со сериозни предизвици надвор од теренот. Независна комисија претходно го прогласи клубот за одговорен по 114 од 115 обвиненија поврзани со финансиски правила на Премиер лигата за периодот од 2009/10 до 2017/18. Манчестер Сити ги отфрла наодите и продолжува да ги оспорува заклучоците на комисијата, вклучително и тврдењата за финансиски неправилности поврзани со комерцијални приходи. Во целата ситуација, Гвардиола јавно застана зад клубот и неговото раководство. Во емотивна порака тој порача дека, без оглед на околностите, неговата поддршка за Сити останува непроменета. „Сакам секој навивач на Манчестер Сити ширум светот да знае дека сум тука, повеќе од кога било. Отсекогаш сум бил и секогаш ќе бидам со мојот клуб, мојот сопственик, претседателот, Феран, играчите, стручниот штаб, Енцо и вас, нашите единствени навивачи. Да бидам јасен: ќе поминеме низ ова заедно. Ве сакам сите“, порача Гвардиола. Неговото враќање на „Етихад“ е закажано за 14 октомври, кога Манчестер Сити ќе го пречека актуелниот европски шампион Пари Сен Жермен. Пред тој натпревар, Сити го очекува и голем предизвик во Премиер лигата – гостување кај Ливерпул на „Енфилд“, во првиот натпревар по тринеделната пауза.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 7, 2024 |
September 16, 2024 |