Вардар бара службена победа против Тиквеш!

October 29, 2026 | Kristijan Trajchov | Македонија

Вардар бара службена победа против Тиквеш!

Фудбалскиот клуб Вардар поднесе официјална жалба по вчерашниот натпревар против Тиквеш во Купот на Македонија, барајќи службена победа и пласман во следната фаза од натпреварувањето. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) потврди дека ја примила жалбата од скопскиот клуб, која се однесува на документацијата за лекарскиот преглед на фудбалер евидентиран во системот КОМЕТ. Според информациите објавени од ФФМ, во жалбата се наведува дека во досието на фудбалер внесен во системот, во делот за лекарски преглед, била приложена спортско медицинска потврда издадена на име Милош Спасовски, со датум на преглед од 2 јули 2026 година. Вардар во жалбата посочува дека Спасовски не е член на ГФК Тиквеш 1930 од 3 септември 2026 година, со што го отвора прашањето за документацијата приложена во системот на ФФМ. „ФК Вардар ја поднесува жалбата повикувајќи се на член 8 и член 30 став 2 од Пропозициите за Куп-натпреварувањето на ФФМ за сезоната 2026/2027, во врска со член 63 став 6, член 68 и член 99 став 1 точка II и став 4 од Правилникот за натпреварување на ФФМ“, соопштуваат од федерацијата. Барањето на „црвено-црните“ е јасно – елиминација на Тиквеш од Купот и регистрирање на натпреварот со службена победа за Вардар. Сега топката е во рацете на надлежната комисија при ФФМ, која треба да ги разгледа наводите во жалбата и да донесе конечна одлука.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.