Максимална казна за голманот Овоњо по смртта на Де Мигел

November 13, 2026 | Kristijan Trajchov | Свет

Максимална казна за голманот Овоњо по смртта на Де Мигел

Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Шпанија му изрече суспензија од 12 натпревари на голманот на Андора, Хесус Овоњо, по тешкиот дуел со фудбалерот на Тенерифе, Хесус де Мигел, кој трагично го загуби животот по инцидентот на теренот. Овоњо беше исклучен со директен црвен картон по интервенцијата во која со крената нога и прекумерна сила го удри противничкиот фудбалер. Де Мигел веднаш доби медицинска помош на теренот, а натпреварот беше прекинат. Фудбалерот подоцна беше пренесен во болница, каде што почина следното утро, на 30-годишна возраст. Шпанската федерација сега ја изрече највисоката можна спортска казна предвидена со членот 102 од дисциплинскиот правилник, кој се однесува на насилно однесување кон противник за време на игра, со сериозни последици. Предвидената суспензија според оваа одредба изнесува од четири до 12 натпревари. Одлуката се однесува на спортската дисциплинска постапка. Околностите околу смртта на Де Мигел се предмет и на посебна истрага, а дисциплинската казна сама по себе не претставува утврдување кривична одговорност.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.