Седлоски: Сите очекуваме да стигнеме до трите бода

November 15, 2026 | Kristijan Trajchov | Македонија

Седлоски: Сите очекуваме да стигнеме до трите бода

Македонската фудбалска репрезентација утре го игра последниот натпревар во групата од Лигата на нации, а противник ќе биде селекцијата на Словенија. По петте порази на претходните пет средби и само еден постигнат гол, избраниците на Гоце Седлоски ќе имаат последна можност да освојат бодови и да избегнат завршување на групната фаза без ниту еден бод. Селекторот Седлоски е оптимист и верува дека Македонија може да дојде до поволен резултат. Според него, настапот против Шкотска покажа дека репрезентацијата има квалитет да се надигрува и со силни противници, иако резултатот не бил реален одраз на случувањата на теренот. „Против Шкотска покажавме дека можеме да се носиме и со такви репрезентации. Резултатот не е заслужен, покажавме во последните 20 минути дека можеме. Словенија е една компактна екипа која добро се брани, има добра транзиција, на тоа треба да внимаваме. Треба да го засилиме ритамот, мислам дека дечките утре ќе бидат спремни да покажат карактер. Сите очекуваме да стигнеме до тие три бода“, изјави Седлоски. Селекторот нагласи дека фокусот мора да биде насочен кон сопствениот настап, а најави и можност за неколку промени во почетниот состав поради заморот кај дел од фудбалерите. „Ние треба да се гледаме самите себе, како ќе настапиме. Нека биде отворен натпревар со многу шанси и нека победи подобриот. Подготвени сме, можеби ќе има две-три промени во тимот поради умор, но кој и да излезе на теренот ќе даде максимум. Дечките полека ме сфаќаат што барам, ќе биде подобро“, додаде селекторот. Седлоски очекува Македонија да влезе поофанзивно во утрешниот дуел и да ги искористи шансите што ќе ги создаде. Тој предупреди дека противникот знае да казни секоја неискористена можност. „Мора да тргнеме поофанзивно. На натпреварите што ги игравме на гости покажавме дека создаваме шанси. Кога ќе имате две-три шанси, мора да ги искористите, во спротивно следува казна. Словенија е добра екипа, добро се брани, ја гледав против Швајцарија. Вечер, по тренингот, ќе одлучам за стартниот состав. Можеби ќе има некои промени, но ќе одлучам по тренингот“, порача Седлоски.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.