Шпанија треба да ја оправда фаворитската улога, Англија се надева дека трофејот доаѓа дома

July 14, 2024 | Kristijan Trajchov | Анализи

Шпанија треба да ја оправда фаворитската улога, Англија се надева дека трофејот доаѓа дома

Дојде и тој момент, финалето на Европското првенство. Во него ќе играат Шпанија и Англија. Шпанија со доминантна и убедлива игра стигна до финалето, а Англија на „мускули“ се протна до финалето. Иако е јасно дека Англичаните играа неубедливо Европско првенство, сепак некако стигнаа до тука. Шпанија вечерва пак ќе се надева на квалитетите на Нико Вилијамс и младиот Ламин Јамал, а во редовите на Англија ќе треба конечно да се разбудат Фоден и Белингем. Tреба да се спомене и дека Англија одигра добро прво полувреме против Холандија каде покажаа дека знаат да играт убав фудбал. Англичаните успеаа да постигнат гол само на една од четирите средби со Шпанците на големите натпреварувања, додека претходните две завршија со резултат 0-0. Кај Шпанија се враќаат Карвахал и Ле Норманд по нивните суспензии, а ќе им недостасува Педри поради тешката повреда која му ја нанесе Тони Крос. Од друга страна, Англија ќе може да смета на сите свои фудбалери. Најверојатно и двете селекции ништо нема да менуваат во однос на формацијата, а се очекува еден многу тесен натпревар. Шпанија се смета за фаворит, а очигледно на Англија на ова Европско првенство и годи тоа што цело време е потценета и отфрлена, а таа досега успешно се справуваше со тоа и стигна до тука. Фудбалските фанови ќе се надеваат на епски и интересни моменти бидејќи според досега прикажаното, на ова Европско првенство не видовме многу атракција.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.