Ливерпул убедлив против невидливиот Манчестер Сити! (ВИДЕО)

December 1, 2024 | Kristijan Trajchov | Свет

Ливерпул убедлив против невидливиот Манчестер Сити! (ВИДЕО)

Ливерпул го „прегази“ Манчестер Сити иако конечниот резултат беше само 2:0. Скоро во ниту еден момент Манчестер Сити не изгледаше како тим кој би можел да постигне гол, освен во една ситуација кога грешка направи Ван Дајк, а Де Брујне не успеа да погоди. „Црвените“ доминираа од почеток до крај, носејќи си сигурна победа која им донесе девет бода предност пред второпласираниот Арсенал. Во исто време, Сити се наоѓа на петтата позиција, со 11 бода негатива зад Ливерпул. Првиот гол на натпреварот беше дело на Коди Гакпо, кој го круниса совршениот пас од најдобриот играч на Ливерпул во последната деценија, Салах. Гакпо не пропушти да ја затресе мрежата на Сити за рано водство од 1:0. Ливерпул продолжи со високиот пресинг, а иако Ортега, резервниот голман на Сити, имаше неколку одлични интервенции, тимот од Манчестер замина на паузата со минимална негатива и без ниту еден удар кон голот на Келехер. Во второто полувреме, Пеп Гвардиола направи промени, но не можеше да го запре налетот на Ливерпул. Салах, кој го создаде првиот гол, во 55. минута го пропушти најдобриот момент да ја зголеми предноста, кога сам излезе пред Ортега, но не погоди. Меѓутоа, египетската ѕвезда ја затвори играта во 78. минута, кога постигна гол од пенал и стави крај на сите надежи за Сити. Во финишот, Кевин де Брујне пропушти голема шанса за „граѓаните“, откако по грешката на Ван Дајк не успеа да реализира од идеална позиција. Сити нападна со сите сили, но Ливерпул остана непобедлив и ја потврди својата контрола на теренот. Во следното коло, Ливерпул гостува кај Њукасл, додека Сити ќе се обиде да ја прекине кризата против Нотингем Форест.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.