Бившата ѕвезда на Реал и ПСЖ открива: Видов многу допинг, играчи земаа глупости

December 2, 2024 | Kristijan Trajchov | Свет

Бившата ѕвезда на Реал и ПСЖ открива: Видов многу допинг, играчи земаа глупости

Хесе Родригез, поранешниот напаѓач на Реал Мадрид и Пари Сен Жермен, откри многу сензации од зад сцената на фудбалот. Во искрено интервју со шпанскиот рапер Маулихаук на неговиот Јутјуб канал, Хесе се осврнува на мрачните страни на фудбалот, вклучувајќи и употребата на допинг. „Многу играчи земаа глупости само за да се претстават подобро. Контролата не беше толку строга како што е денес“, признава Хесе, додавајќи дека не сака да осудува никого, туку само да ја сподели својата перспектива на тоа време. „Не се дозна ништо“, истакнува тој, потврдувајќи дека во минатото многу работи останувале незабележани, а фокусот бил ставен повеќе на името и успехот, отколку на чистотата на играта. Тој ги сподели и своите лични искуства од времето кога беше дел од Реал Мадрид, каде што имаше одлично деби во сезоната 2013-2014 со 8 гола на 31 натпревар. Меѓутоа, неговата кариера не отиде во посакувана насока поради тешката повреда на вкрстените лигаменти на десното колено. „Тој ден ми ја промени кариерата засекогаш. Бев млад, играв во најдобриот тим на светот и бев под голем притисок. Тоа беше еден од моите најлоши денови“, се присетува Хесе. По тешката повреда, Реал Мадрид го испрати Хесе на операција кај најдобриот хирург во Германија, но работите не се одвиваа по план. Неговото тело не го прифати лекувањето како што се очекувало, а инфекцијата ја влошила ситуацијата. „Кога добив инфекција и морав да се исчистам двапати, си реков: ‘Готово е’“, призна фудбалерот. Сепак, кариерата на Хесе не заврши со Реал. По што сè помалку играше на „Сантјаго Бернабеу“, на крајот го напушти клубот и се пресели во Пари Сен Жермен во 2016 година за 25 милиони евра. Но, неговиот престој во Париз беше далеку од успешен, со неуспешни позајмици во Лас Палмас, Стоук Сити, Бетис и Спортинг Лисабон. По неговиот период во ПСЖ, Хесе продолжи да ја гради својата кариера во турски Анкарагучу и бразилска Коритиба, а денес игра во Малезија. Но, и покрај сите осцилации и падови, Хесе продолжува да зборува за своите искуства и да го истражува фудбалскиот свет на начин што не секој играч би го направил.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.