July 7, 2024 | | Интервјуа
Диме Димов е фудбалер со потекло од Радовиш кој во моментов настапува за Локомотив Софија од Бугарија. Тој игра на позицијата стопер и претходната сезона беше можеби и неговата најдобра во кариерата.
После седум поминати сезони во Академија Пандев, минатото лето бесплатно замина во Локомотив Софија каде успеа да му помогне на тимот да обезбеди опстанок во фудбалската елита на Бугарија откако Локомотив заврши на 12-тото место од вкупно 16 тимови.
Како ја коментираш претходната сезоната на Локомотив Софија?
- Имавме многу тешка сезона, но на крај успеавме да се спасиме и да останеме во Прва Лига. Се надевам дека следната сезона ќе биде подобра и поуспешна. Останува на нас да работиме напорно и да се трудиме да ја оствариме својата цел
Колку си задоволен од твојата прва сезона во новиот клуб каде доби многу позитивни коментари?
- Може да се каже дека лично одиграв една многу добра сезона и реално сум задоволен со тоа како јас цела сезона настапував. Искрено, секогаш може повеќе и се надевам дека новата сезона ќе ми донесе уште поголеми успеси и добри настапи. Јас ќе дадам сѐ од себе за да биде така. Јас сум максимално посветен на мојот клуб и мојата работа и тоа треба така и да продолжи. Во текот на сезоната немав ниту повреда и се надевам дека така ќе биде и наредната сезона.
Како го коментираш фудбалот во Бугарија генерално?
- Во Бугарија се игра по физички фудбал за разлика од фудбалот кој се игра во Македонија. Таму има подобри услови и подобра инфраструктура, терените се одлични. Судиите и играчите се вистински професионалци и темпото на игра е повисоко за разлика од тука.
Колку играчите таму се поквалитетни во споредба со играчите во Македонија?
- Во однос на квалитетот на играчите, разликата не е преголема што се однесува до бугарските играчи, но има многу странски играчи кои знаат да прават разлика во поголемите клубови. Исто како и во Македонија, фокусот е ставен на ангажирање на странски фудбалери. Она што е штета е што младите играчи тука не добиваат многу шанси за да ги покажат своите квалитети, туку се оди на сигурно и најчесто играат искусни и повозрасни фудбалери.
Која е твојата цел за наредната сезона?
- Најпрво посакувам да останам здрав и да можам константно да настапувам за мојот клуб. Друга цел е да помогнам на Локомотив Софија да избори подобар пласман од минатата сезона.
Дали понатаму посакуваш да заиграш и во друга фудбалска лига?
- Цел на секој фудбалер е да напредува и да добие шанса да заигра за фудбалски клуб од повисок ранг и во подобра лига. Јас искрено се надевам дека ќе ми се пружи таква шанса и дека ќе можам да заиграм и во друга лига.
Дали некогаш беше близу да бидеш повикан и да заиграш во македонската репрезентација?
- Во сезоната 2018/19 година во периодот кога играв за Академија Пандев и кога изборивме Европа бев на списокот на македонската фудбалска репрезентација. Сон на секој еден фудбалер е да има можност да заигра и да ја претставува својата репрезентација. Но, во тој период јас го повредив коленото па морав да заминам на операција. После тоа, не сум бил повикан, но се надевам дека и тоа ќе се смени.
Што би им препорачал на младите фудбалери, каков совет би им дал?
- Јас на младите фудбалери би им препорачал да бидат упорни и истрајни, да се трудат за она што го посакуваат бидејќи со труд може да се постигне сѐ. Но, и да се работи и за друг спорт а да не е фудбал, јас би го кажал истото и би го дал истиот совет.
Договорот со Локомотив Софија му истекува наредното лето, а според Transfermarkt, тој има вредност од 400 илјади евра.
Радовишанецот во својата кариера има настапувано за Металург, Кожуф, Гостивар, Хоризонт од Турново, Академија Пандев односно Брера Струмица, а Локомотив Софија е неговиот прв клуб во странство.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |