December 25, 2025 | | Македонија
Тензичната релација меѓу поранешниот македонски селектор Игор Ангеловски и фудбалските легенди вклучени во работата на ФФМ продолжува да се продлабочува. По јавната реакција на Николче Новески, на најновите изјави на Ангеловски сега одговори и Илија Најдоски, кој упати остри критики за неговиот настап и влијанието што, според него, го имал врз репрезентативната атмосфера. Најдоски смета дека јавните настапи на Ангеловски не се изолиран случај, туку континуитет на однесување кое со години, како што вели, создава тензии околу националниот тим. „Начинот на кој Ангеловски повторно настапува само потврдува дека со години бил фактор што ја нарушува атмосферата околу репрезентацијата. Истото го гледавме и во периодот кога селектор беше Благоја Милевски, кога наместо поддршка имаше постојани опструкции, коментари и обиди за влијание. Таквото однесување не ѝ помогна ниту тогаш, а уште помалку ѝ помага сега на Македонија“, вели Најдоски. Според него, ваквите истапи доаѓаат во моменти кога на репрезентацијата ѝ е најпотребно единство и позитивна енергија. „Во моменти кога е потребна јасна поддршка и заедничка енергија, некој повторно избира лични битки и рушење на атмосферата. Репрезентацијата е над секој поединец и мора да остане така. Нека му служи на чест тоа што нас, кои сме дале многу за македонскиот фудбал, нè става во категорија ‘стаорци’. Тоа повеќе зборува за него отколку за нас“, додава поранешниот капитен. Иако, како што истакнува, не гледа причина лично да реагира, Најдоски смета дека границите се преминати. „Искрено, не е име и презиме што заслужува реакција од моја страна, но ова што се обидува да го наметне ја надминува секоја мера. Македонскиот фудбал нема потреба од поделби, навреди и лични фрустрации, туку од почит, одговорност и поддршка за репрезентацијата“, порачува Најдоски.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |