Нејмар: Многу е болно, но останува уште малку

June 4, 2024 | Kristijan Trajchov | Свет

Нејмар: Многу е болно, но останува уште малку

Нејмар кој во моментов игра за Ал-Хилал во Саудиска Арабија каде заработува 100 милиони евра годишно, изјави дека неговото закрепнување од повредата е болно, но дека тече добро.

Тој во ноември минатата година во Бразил беше опериран бидејќи ги скина вкрстените лигаменти како и скинат менискус на левото колено, а повредата ја заработи на мечот на Бразил со Уругвај за квалификациите за следното Светско првенство.

„Тоа е болно, имаше многу страдања, но јас сум на пат кон опоравување. Поминаа седум месеци од повредата, има уште малку, но ќе успеам“, изјави тој во Сао Паоло на аукциската продажба на предмети во корист на неговата фондација.

Тој исто така нема да игра и на Копа Америка кој ќе се одржи во САД од 21 јуни до 15 јули.

Нејмар упати честитки и до напаѓачот на Реал Мадрид, Винисиус Јуниор за освојувањето на Лигата на шампионите.

„Очигледно е дека Златната топка е за него, му ја посакувам. Му испратив порака пред финалето и потоа. Сигурно е дека ќе ја освои Златната топка, тој е неверојатен и гордо ги носи боите на нашата земја низ целиот свет“, додаде Нејмар.

Запрашан дали ќе се врати во бразилскиот Сантос, каде што ја започна својата кариера, тој одговори: „Тоа е целосно неточно, ништо не е планирано. Имам уште една година од договорот со Ал-Хилал и се надевам дека ќе имам голема сезона“, истакна Бразилецот.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.