ОФИЦИЈАЛНО: Халанд се врзува во Сити до 2034 година!

January 17, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

ОФИЦИЈАЛНО: Халанд се врзува во Сити до 2034 година!

Ерлинг Халанд, норвешката гол-машина, го продолжи својот договор со Манчестер Сити, со што се обврза на долгорочна соработка со англискиот клуб. Договорот, кој е валиден до јуни 2034 година, беше потпишан веднаш по постигнувањето на согласност помеѓу двете страни. Ова значи дека Халанд би го минал најголемиот дел од својата кариера во Сити, а доколку го одработи договорот до крај, би имал 34 години, веќе во фазата на ветеран. Во новиот договор е вклучена и откупна клаузула за огромна сума, која ќе стане активна од 2029 година. Оваа клаузула е дополнителен показател за неговата долгорочна вредност за клубот. Иако засега нема прецизни бројки, наводно овој договор ќе биде еден од најголемите спортски воопшто. Иако имаше одредени шпекулации за наводен трансфер во Шпанија, сепак Халанд е среќен во Манчестер. Халанд пристигна во Манчестер Сити во 2022 година од Борусија Дортмунд за 60 милиони евра. Од тогаш, тој одигра 126 натпревари за „граѓаните“, постигнувајќи 111 гола и додавајќи 15 асистенции, со што се потврди како клучен играч за тимот. Со овој потег, Манчестер Сити успеа да го задржи еден од најдобрите напаѓачи во светот, обезбедувајќи стабилност во својата офанзивна линија за речиси една деценија.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.