August 1, 2025 | | Анализи
Манчестер Јунајтед се наоѓа на чекор до ангажман на словенечкиот напаѓач Бенџамин Сешко, играч кој веќе неколку години важи за наследник на Ерлинг Халанд и Златан Ибрахимовиќ. „Црвените ѓаволи“ го следат уште од неговите 16 години, кога за само 2,5 милиони евра премина во РБ Салцбург. Во 2022 година Јунајтед повторно се интересираше за него, но ја пропушти шансата, дозволувајќи му да потпише за РБ Лајпциг за 24 милиони евра. Сега, третпат се обидуваат да го донесат на „Олд Трафорд“, но цената е енормна – најмалку 80 милиони евра. Според медиумите, шефот за скаутинг на Јунајтед, Кристофер Вивел – човекот кој го донесе Сешко во Лајпциг – веќе имал тајни преговори со германскиот клуб. Но, зошто Шешко? Словенецот е идеално изграден за напаѓач – висок 193 сантиметри, физички силен, но и неверојатно брз (има забележана иста максимална брзина како Килијан Мбапе). Одлично се движи меѓу линиите, умее да игра со топка и има силен удар, со кој често постигнува голови од далечина. „Екстремно е брз, силен во воздух и мобилен за својата висина. Шешко е голгетер со посебен профил,“ изјави Вивел кога го претстави во Лајпциг. Но, кои се дилемите околу трансферот? И покрај неговиот потенцијал, Сешко не е докажан голгетер – минатата сезона заврши само како деветти стрелец во Бундеслигата, со помалку голови од Џонатан Буркхардт, кој премина во Ајнтрахт Франкфурт за 23 милиони евра. Дополнително, на ЕУРО 2024 пропушти две големи шанси против Португалија, што ја отвори дискусијата за неговата ментална зрелост во клучни моменти. Токму ова е една од причините поради која Арсенал, кој долго беше фаворит за неговиот потпис, се откажа и инвестираше во Виктор Ѓокереш. Доколку се реализира трансферот, Сешко ќе стане дел од новиот напад вреден над 200 милиони фунти, заедно со Брајан Мбуемо и Матеус Куња. Овој потег веројатно ќе значи и заминување на Расмус Хојлунд, кој не ги оправда очекувањата. Шешко, сепак, ќе се соочи со огромен притисок. Навивачите не сакаат повторно да видат скап „проект“ кој ќе чека месеци за прв гол во Премиер лигата. За да успее, ќе мора да покаже ментална стабилност и самодоверба слична на неговите идоли – Халанд и Ибрахимовиќ. Манчестер Јунајтед влегува во голем ризик, инвестирајќи во играч кој сè уште не го достигнал врвот на својата кариера. Но, ако Шешко ја оправда инвестицијата и го повтори моделот на Халанд, „црвените ѓаволи“ конечно може да добијат вистински лидер во нападот.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |