April 29, 2025 | | Анализи
Арсенал и Пари Сен Жермен денеска ќе се соочат во првиот натпревар од долгоочекуваното полуфинале од Лигата на шампионите. Двата тима ќе се сретнат на „Емирејтс“, знаејќи дека се на чекор до големото финале во Минхен следниот месец и до шансата конечно да го освојат најпрестижниот европски клупски трофеј по првпат во историјата. Играчите на Микел Артета ќе се обидат да ја искористат предноста на домашен терен против противник кој никогаш не ги совладал во европско натпреварување во пет претходни дуели. Формата на Арсенал во Лигата на шампионите во моментов е особено силна. „Топчиите“ се непоразени на последните осум натпревари во натпреварувањето, со седум победи и едно реми. Тоа е нивна втора најдолга серија без пораз во една сезона, по 12-те натпревари без пораз во сезоната 2005/06 (8 победи, 4 ремија), кога стигнаа до своето единствено финале во ова натпреварување. Арсенал водел на резултатот во 53% од вкупното време во ЛШ оваа сезона, највисок процент меѓу сите екипи. Дополнително, само Интер (1%) бил во негатива помалку од Арсенал (6%), кој не заостанувал ниту еден момент во елиминациската фаза против ПСВ и Реал Мадрид. Не е изненадување што Букајо Сака ќе биде од огромно значење за шансите на Арсенал. Англискиот репрезентативец има девет голови и шест асистенции во 16 настапи за Арсенал во ЛШ, најмногу за еден англиски фудбалер во неговите први две сезони во ова натпреварување и најмногу од еден крилен напаѓач во првите две сезони уште од Садио Мане (16 во 2017/18 и 2018/19). ПСЖ патува во Лондон со слаба форма на англиско тло каде загубија пет од последните шест гостувања во ЛШ против англиски екипи (1 победа), и тоа против четири различни противници (Манчестер Сити двапати, Арсенал, Њукасл и Астон Вила). Сепак, тие победија на „Енфилд“ против Ливерпул во осминафиналето во март. Францускиот клуб влегува во овој дуел без победа на последните два меча во Лига 1, реми 1-1 со Нант и неочекуван пораз од Ница (3-1) дома. Тоа беше нивниот прв пораз во лигата оваа сезона, но откако ја обезбедија титулата пред три недели, логично е што целосно се насочија кон Лигата на шампионите. Усман Дембеле ќе биде еден од најопасните адути на Луис Енрике. Францускиот ас има 7 гола и 3 асистенции во оваа сезона од ЛШ, и е блиску до рекордот за најмногу директни учества во голови на еден играч на ПСЖ во една сезона каде рекордот го држи Килијан Мбапе со 11 (8 гола, 3 асистенции) во 2020/21. Успехот на ПСЖ оваа сезона во голема мера се базира на брзината и директниот стил на нивните офанзивци кои имаат просек од над 2 успешни дриблинзи по 90 минути: Дезире Дуе (3.1), Квича Кварацхелија (2.7), Бредли Баркола (2.6), и Дембеле (2.2). Ова е најмногу од која било екипа (со играчи кои имаат над 300 минути на терен), а нивните вкупно 190 успешни дриблинзи се најмногу во една сезона во ЛШ уште од Барселона во 2014/15 (238), која исто така ја водеше Луис Енрике. Интересен податок е дека ова ќе биде само трет полуфинален дуел во Лигата на шампионите каде се соочуваат двајца шпански тренери. Претходно тоа се случи меѓу Карлес Рексач (Барса) и Висенте дел Боске (Реал) во 2001/02, и меѓу Пеп Гвардиола (Баерн) и Луис Енрике (Барса) во 2014/15. Арсенал ќе биде без суспендираниот Томас Парти за овој дуел, но Микел Мерино и Бен Вајт би требало да бидат достапни откако го пропуштија ремито со Кристал Палас (2-2) во Премиер лигата минатата недела. Рикардо Калафиори исто така нема да се врати во составот, Жоржињо им се приклучи на повредените, заедно со Габриел Жезус, Габриел Магалаеш и Каи Хаверц. Од друга страна, ПСЖ нема повредени играчи и се очекува да настапи во полн состав.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |