Спектакл на „Етихад“: Сити и Реал во уште една мегапресметка!

February 11, 2025 | Kristijan Trajchov | Анализи

Спектакл на „Етихад“: Сити и Реал во уште една мегапресметка!

Денеска започнува плејоф рундата од Лигата на шампионите, каде што победниците ќе се приклучат на осминафиналистите од групната фаза и ќе продолжат во борбата за европската титула. Фудбалската вечер ќе стартува во 18:45 часот со францускиот дуел меѓу Брест и Пари Сен Жермен, кој ќе се игра во Генганп. ПСЖ влегува како апсолутен фаворит, особено по убедливата победа од 5-2 над Брест во лигашкиот дуел пред десетина дена. Екипата на Луис Енрике се наоѓа во фантастична форма, со 13 триумфи во последните 14 натпревари. Во терминот од 21 часот, акцентот ќе биде ставен на мегапресметката на „Етихад“, каде што Манчестер Сити ќе го пречека Реал Мадрид. Ова е четврта сезона по ред во која двата гиганти се среќаваат во елиминациската фаза на ЛШ, што дополнително го зголемува ривалството меѓу нив. Иако актуелниот шампион на Англија не е во најдобрата форма, „граѓаните“ сепак успеаја да го елиминираат Лејтон Ориент (2-1) во ФА Купот, но нивните настапи оваа сезона не се на посакуваното ниво. Дури и пласманот во плејофот дојде со одредени потешкотии, откако Сити заврши на 22. место во основната фаза. Од друга страна, Реал Мадрид исто така има нестабилна сезона во ЛШ, каде што веќе забележа три порази. Иако „кралевите“ ја предводат табелата во Ла Лига, двата убедливи порази од Барселона покажаа дека нивниот тим не е толку сигурен во дерби натпреварите. Покрај ова дерби, ќе се одиграат уште неколку возбудливи средби. Јувентус ќе се соочи со ПСВ Ајндховен, во дуел кој во некое друго време би бил многу поедноставен за „Старата дама“. Иако Јуве неодамна победи против Комо и Емполи, претходните порази од Бенфика и Наполи оставаат простор за загриженост. ПСВ, пак, прикажа мешани резултати – ремизираше со Вилем Втори и НЕК Најмеген, но ги победи големите ривали како Феенорд (2-0) и Ливерпул (3-2). Холандскиот тим во последните 11 натпревари забележа само еден пораз и моментално е лидер во своето првенство. Интересно е што ова нема да биде нивна прва средба со Јувентус сезонава – тие веќе се сретнаа во првото коло од групната фаза, кога италијанскиот тим славеше со 3-1. Во меѓувреме, Борусија Дортмунд ќе патува во Лисабон на дуел со шампионот на Португалија, Спортинг. „Жолто-црните“ се наоѓаат на 11. место во Бундес-лигата, што е далеку под очекувањата, а тимот неодамна доби нов тренер во ликот на Нико Ковач. Тој ќе се обиде да најде решение за офанзивниот притисок на Спортинг, кој засега добро се снаоѓа во Европа по заминувањето на Рубен Аморим во Манчестер Јунајтед. Останатите четири натпревари од плејофот ќе се одиграат утре, а реваншите се закажани за само една недела.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.