Стартува новата сезона во ЛШ: Шанса за Елмас, фаворити англиските клубови

September 16, 2025 | Kristijan Trajchov | Анализи

Стартува новата сезона во ЛШ: Шанса за Елмас, фаворити англиските клубови

Со шест натпревари денеска стартува новото издание на Лигата на шампионите, второ откако е воведен новиот лигашки систем со 36 екипи. Наместо стариот формат со осум групи по четири тима, веќе втора сезона се игра лигашка фаза во која секој клуб има осум различни противници – четири дома и четири на гости. Лани, овој систем донесе возбудливи дуели и голем број погодоци, а секој меч беше од огромно значење. Најдобрите осум тимови од табелата обезбедуваат директно осминафинале, додека екипите од 9. до 24. место играат бараж. Титулата ја брани Пари Сен Жермен, кој задржа голем дел од составот, но направи промена на голманската позиција со заминувањето на Џанлуиџи Донарума. Сепак, прогнозите велат дека главни фаворити се англиските клубови – Ливерпул, Арсенал и Манчестер Сити, кои повторно инвестираа многу во летниот преоден рок. Дополнителен фактор оваа сезона би можел да биде и Светското клупско првенство што се играше во јуни и јули – што може да остави трага кај тимовите кои учествуваа, за разлика од Ливерпул и Барселона кои имаат мала предност. Во денешната програма ќе се одиграат шест натпревари, а најголемо внимание привлекува дуелот во Торино помеѓу Јувентус и Борусија Дортмунд. Македонија и оваа сезона ќе има свој претставник – Елиф Елмас со Наполи. Финалето е закажано за 30 мај 2026 година на „Пушкаш арената“ во Будимпешта.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.