January 29, 2025 | | Македонија
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) официјално ги започна активностите за воведување на ВАР системот во македонската фудбалска лига (МФЛ), кој се очекува да биде функционален од сезоната 2025/26. Федерацијата веќе ги извести УЕФА и ФИФА за отпочнатите имплементациски активности, а формираниот проектен тим интензивно работи на реализацијата на оваа значајна иновација. Проектниот лидер, Дејан Јакимовски, во изјава за сајтот на ФФМ ги сподели деталите од планот за имплементација. Според него, првичниот онлајн состанок со ФИФА е веќе одржан, а поставени се и основните чекори за воведување на ВАР системот. „Нашата цел е да воспоставиме централизиран ВАР систем со специјално опремена соба во ФФМ. Во зависност од понудите на ВАР провајдерите, на секој натпревар ќе се користат најмногу шест камери. ВАР ќе биде воведен во Првата македонска фудбалска лига, Купот на Македонија (почнувајќи од четвртфиналната фаза), финалето на Купот на Македонија за жени, како и на бараж натпреварите за влез во Првата лига“, изјави Јакимовски. Паралелно со техничката подготовка, започна и процесот на едукација на ВАР судиите. Во март во Скопје ќе се одржи дводневна работилница на која ќе присуствуваат експерти од ФИФА, проектниот тим, како и претставници од судиската и натпреварувачката комисија на ФФМ. Еден од клучните предизвици во наредниот период ќе биде адаптацијата на инфраструктурата на стадионите, бидејќи секој стадион ќе мора да ги исполни минималните услови за добивање лиценца за натпревари со ВАР технологија. Лиценцирањето ќе биде под надлежност на ФИФА, која ќе ја одобрува употребата на централизираните ВАР соби и судии. Покрај Јакимовски, во проектниот тим за ВАР се вклучени и Димитар Мечкаровски, Јосип Бартон, Горан Спиркоски и Никола Караколев. Македонскиот фудбал влегува во нова ера на модернизација, а со воведувањето на ВАР системот се очекува да се зголеми фер-плејот и квалитетот на судењето.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |