July 23, 2025 | | Македонија
Штипската Брегалница тргнува во нова ера. Клубот доби нов газда – турскиот инвеститор Мурат Шамил Шен, кој купи 85% од акциите и веднаш најави амбициозна мисија.
Со одлука на Советот на Општина Штип, досегашниот сопственик Кирил Гогов ги презеде сите акции, а потоа 85% од нив ги продаде на Шен – познат спортски работник, некогашен кошаркарски репрезентативец и човек со богато искуство во менаџментот. Зад него стои сериозна кариера во Германија, Турција и Дубаи, каде бил на високи позиции во брендови како Vakko и Sarar, како и генералeн директор на Aseemas General Trading.
„Препознавме потенцијал во клубот и во овој град. Ни се допадна визијата на градоначалникот Јорданов и веруваме дека со заеднички сили можеме да го вратиме сјајот на Брегалница. Веднаш ќе инвестираме околу еден милион евра во акциите, во клубот и реконструкцијата на стадионот“, изјави Шен, нагласувајќи дека ова не е краткорочен проект, туку стратегија за долгорочен развој.
Договорот предвидува Брегалница да добие финансиска стабилност, а најголем дел од стручниот штаб и играчите да бидат од Штип. Општината веќе нема да го финансира сениорскиот тим, туку само младинските категории, додека буџетот за клубот се очекува да биде околу еден милион евра.
Посебно внимание привлекува строгата политика против обложувањето.
„Обложувањето е длабоко навлезено во спортот, а ние сме строго против тоа. Секој што ќе биде поврзан со клубот – од играчи до раководство – ќе потпише договор дека нема да има никаков контакт со обложувачки активности. Гаранција за тоа ќе биде целиот нивен имот“, истакна Шен.
Покрај тоа, наводно се планираат и инвестиции во инфраструктурата – не само на стадионот, туку и во условите за младите категории. На 12 септември под рефлектори е најавен и пријателски натпревар на ветераните на Брегалница против легендите на Црвена Звезда, што ќе биде симболичен старт на новото поглавје.
За спортскиот дел, новото раководство ќе му довери доверба на искусниот Влатко Костов како шеф на стручен штаб, а младинската школа ќе ја води Димитар Маџунаров. Следната недела ќе биде закажана нова прес-конференција, на која ќе бидат објавени новите засилувања, новиот спортски директор и деталите за реконструкцијата на клубот.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |