Брера одлучи да се раздели со Горазд Михаилов

January 4, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Брера одлучи да се раздели со Горазд Михаилов

Прволигашот Брера од Струмица ја прекина соработката со Горазд Михаилов, кој го презеде тренерското место на почетокот од септември по заминувањето на Бојан Круљ. Во официјалното соопштение, клубот го истакна придонесот на Михаилов: „Со својот професионализам, авторитет и кредибилитет, успеа да ја стабилизира играта на нашиот тим и да им даде можност на десетина млади фудбалери од младинските категории да дебитираат во Првата лига. Михаилов, заедно со Темелков, Атанасов, Коцев и Шопов, беа столбовите на сениорскиот состав, мотивирајќи ги играчите и создавајќи тимска синергија“, стои во соопштението на клубот. Под негово водство, Брера забележа четири победи, четири нерешени натпревари и шест порази во есенскиот дел од сезоната. Михаилов постигна одличен баланс меѓу искусните играчи и младите таленти, за што клубот му е особено благодарен. „Му искажуваме голема благодарност за професионалниот однос и за значајниот печат што го остави за краткиот период поминат во клубот. Му посакуваме многу успех во понатамошната кариера,“ се наведува во изјавата на клубот. Како главен кандидат за нов тренер се споменува Тони Атанасов, кој беше помошник на Михаилов и се очекува да го преземе водството на тимот.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.