Елмас: Немавме среќа, но можеме да бидеме задоволни

June 6, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Елмас: Немавме среќа, но можеме да бидеме задоволни

Елиф Елмас не го криеше своето задоволство од начинот на кој Македонија му парираше на еден од најсилните европски ривали – Белгија, но истовремено и жалееше за пропуштената шанса за целосен триумф. „Имавме две стативи во првото полувреме, среќата не беше на наша страна, но можеме да бидеме задоволни затоа што покажавме добра, квалитетна игра против ваков ривал. Покажавме дека можеме да играме против сите селекции. Не можам да бидам среќен, но задоволен сум од резултатот“, изјави Елмас по натпреварот. Македонија одигра храбро, имаше повеќе од доволно шанси, а Елмас беше еден од најзабележителните поединци со ударот во статива и поништениот гол во вториот дел. „Гледаме на секој меч да дадеме максимум и на следниот натпревар одиме на три бода. Сакаме да оставиме сè што можеме од нас на теренот. На сите ни е сон пласман на Светско првенство, тоа е поттик за сите и работиме на таа цел. Се надевам дека ќе освоиме три бодови против Казахстан в понеделник“, додаде Елмас, најавувајќи максимална посветеност и во следниот предизвик. Натпреварот со Казахстан ќе биде клучен за да се капитализира добриот резултат против Белгија и да се остане во борба за врвот во групата.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.