Елмас: Сонот за Светско првенство сакаме да го претвориме во реалност

June 7, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Елмас: Сонот за Светско првенство сакаме да го претвориме во реалност

Елиф Елмас уште еднаш покажа зошто е столб на македонската репрезентација, блескајќи на теренот во ремито 1-1 против моќната Белгија. Иако неговиот гол во второто полувреме беше поништен поради минимален офсајд, неговата игра и присуство беа клучни во борбениот настап на Македонија. Во првото полувреме, Елмас беше на чекор до водство со удар кој заврши во дирекот, а во продолжението ја затресе мрежата на Белгијците – погодок што го крена на нозе стадионот, но не беше признаен. По натпреварот, Елмас истакна: „Во првото полувреме двапати го погодивме дирекот. Недостигаше само малку среќа. И покрај тоа, покажавме квалитет и се надигрувавме со селекција од светски ранг. Не можам да кажам дека сум среќен, но бодот е вреден и го прифаќаме со задоволство.“ Македонија по три кола има освоено пет бода, а Елмас останува оптимист за продолжението од квалификациите: „Секоја средба ја гледаме како шанса за нови три бода. И против Казахстан одиме по победа. Сакаме да дадеме максимум и да го претвориме нашиот сон пласман на Светско првенство во реалност. Овој резултат со Белгија ни е мотив плус за натпреварите што следат.“ Македонскиот „дијамант“ уште еднаш ја потврди својата лидерска улога и решителноста да ја одведе селекцијата чекор поблиску до најголемата фудбалска сцена – Мундијалот 2026.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.