ФФМ денес ќе добие нов претседател!

December 22, 2024 | Kristijan Trajchov | Македонија

ФФМ денес ќе добие нов претседател!

Денеска во хотелот „Хилтон“ во Скопје ќе биде одржано Вонредно собрание на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), на кое ќе биде констатирана оставката на Муамед Сејдини. По неговото повлекување, Масар Омерагиќ ќе ја преземе претседателската функција и ќе биде избран за седми претседател на ФФМ од нејзиното самостојно функционирање во 1992 година. Како единствен кандидат, предложен од Општинскиот фудбалски сојуз на Свети Николе, Масар Омерагиќ ќе биде избран за претседател, а неговиот избор доби широка поддршка од општинските фудбалски сојузи. Се очекува и голема поддршка од големи имиња на македонскиот фудбал, меѓу кои се Горан Пандев, Агим Ибраими, Ѓорѓи Христов, Гоце Седлоски и многу други, кои ќе бидат вклучени во структурите на федерацијата во иднина. Масар Омерагиќ е истакнат бизнисмен и фудбалски работник, а по завршувањето на својата играчка кариера продолжи со активно влијание во фудбалот. Претходно беше дел од Управниот одбор на ФФМ (2002-2006), но го напушти поради несогласувања со начинот на управување на македонскиот фудбал. Како нов претседател на ФФМ, неговиот мандат ќе трае до Редовното изборно собрание, кога се очекува да добие четиригодишен мандат. Масар Омерагиќ, кој е поранешен фудбалер на Слога Југомагнат, Балкан и Вардар, како и освојувач на шампионски трофеи, ќе има можност да го води македонскиот фудбал и да ги наметне своите идеи за развој. Во историјата на ФФМ, по Муамед Сејдини, Масар Омерагиќ ќе биде седмиот претседател, по Алексо Кипровски (1992-1993), Љубисав Иванов – Ѕинго (1993-1999), Ламбе Арнаудов (1999-2002), Харалампие Хаџи-Ристески (2002-2012), и Илчо Ѓорѓиоски (2012-2018).

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.