ФФМ и Ла Лига со нов фудбалски сојуз – речник, едукација и мост меѓу две култури

June 30, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

ФФМ и Ла Лига со нов фудбалски сојуз – речник, едукација и мост меѓу две култури

Во „Куќата на фудбалот“, се одржа значајна средба меѓу раководството на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и претставници од Шпанија, меѓу кои и амбасадорот Рафаел Сороано Ортоз, заменикот Паула Навајо Гомез и Естебан Касадо – делегат на шпанската Ла Лига. Поводот за посетата беше промоцијата на иновативниот проект „Шпанско-македонски фудбалски речник“ – илустрирано издание кое нуди богат спортски вокабулар на двата јазика и претставува алатка за комуникација, учење и поврзување меѓу младите, навивачите и фудбалските ентузијасти. „Фудбалот е универзален јазик. Нашата мисија е преку вакви алатки и соработка со федерации како ФФМ да изградиме мостови меѓу културите и да создадеме нови можности за идните генерации“, рече Касадо. Покрај речникот, акцент беше ставен и на идни проекти поврзани со едукација и тренинг на млади тренери, преку партнерства со шпански клубови и програми организирани од Ла Лига. Генералниот секретар на ФФМ, Леонид Јендреоски ја истакна важноста на овие иницијативи. „Ова не е само фудбалска приказна – ова е инвестиција во знаење, искуство и интеркултурен развој. Благодарни сме на Ла Лига и амбасадата за поддршката и отвореноста кон идни соработки.“ Посетата заврши со јасна заложба за понатамошна меѓународна соработка, каде фудбалот ќе биде повеќе од игра – ќе биде инструмент за образование, културна размена и зајакнување на младите генерации.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.