ФФМ започна со обука за ВАР оператори: Прв чекор кон професионален систем во Македонија

June 17, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

ФФМ започна со обука за ВАР оператори: Прв чекор кон професионален систем во Македонија

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) започна значајна фаза во процесот на целосна и професионална имплементација на ВАР технологијата во домашните натпреварувања. Со цел да се обезбеди високо квалитетна техничка поддршка за ВАР системот, ФФМ успешно ја започна обуката на првата генерација Replay Operators, технички персонал задолжен за повторување на клучните снимки за време на натпреварите. По внимателна селекција, осум квалификувани кандидати беа избрани да учествуваат во специјализирана обука што се одржа од 2 до 5 јуни во технолошкиот центар на EVS во Лиеж, Белгија – водечки технолошки партнер на ФИФА и официјален провајдер на ВАР системот за ФФМ. Оваа интензивна фаза вклучи практична работа со EVS платформата, вежби за брза реакција, синхронизација со ВАР и АВАР судиите, како и работа во симулирани ситуации од реални натпревари. Обуката продолжува во Македонија од 5 до 18 јуни 2025, каде кандидатите ќе ги минат напредните технички сесии. Програмата се реализира под надзор и менторство на двајца реномирани ВАР оператори – Кирил Горбан и Алексеи Коржуков, кои поседуваат богато искуство во елитни лиги и меѓународни натпреварувања под капата на ФИФА. Целта на оваа иницијатива е создавање на високостандарден и професионален ВАР систем во земјата, кој ќе биде поддржан со стручен и сертифициран технички кадар, како и со обучени ВАР и АВАР судии. Ваквите инвестиции се важен дел од долгорочната стратегија на ФФМ за дигитална модернизација и фер натпреварување.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.