April 8, 2025 | | Македонија
Горан Пандев и Христо Стоичков ќе бидат предводници на хуманитарниот натпревар помеѓу Македонија и Бугарија што ќе се одигра на 27 април од 17:00 часот во Варна.
Овој посебен фудбалски настан има за цел да собере средства и да обезбеди поддршка за жртвите од трагичната несреќа во Кочани. Сите приходи од билетите ќе бидат донирани за семејствата на настраданите.
На теренот ќе се појават легендите на македонскиот и бугарскиот фудбал, обединети во благородна мисија. За македонската репрезентација ќе настапат имиња од првата генерација како Илија Најдоски, Мицевски, Канатларовски, Станковски и Мемеди, но и од поновата ера, Пандев, Ибраими, Христов и Шаќири. Во составот се најдоа и Ванчо Трајанов и Дарко Тасевски, кои имаа значајна улога во бугарските клубови.
Фондацијата „Национали 94“ составена од бугарските фудбалски херои од Мундијалот во 1994 година заедно со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), е организатор на оваа хуманитарна акција.
Фудбалската гордост на Бугарија ќе настапи со големите имиња како Стоичков, Борислав Михајлов, Емил Костадинов, Јордан Лечков, Красимир Балаков, Сираков, Јорданов, Генчев и Валери Божинов.
Овој меч не само што ќе потсети на славните времиња на балканскиот фудбал, туку ќе покаже и колку спортот може да обединува за повисока цел.
Во пресрет на хуманитарниот натпревар меѓу фудбалските легенди на Македонија и Бугарија, предвидена е и специјална програма со настапи на популарни музички изведувачи, која ќе започне во 15:00 часот.
Овој гест на солидарност испраќа силна порака за човечност и пријателство, а натпреварот симболизира спортски дух и заедничка хуманост меѓу двете земји.
Македонската репрезентација ќе ја води Ѓоко Хаџиевски, додека на чело на бугарскиот тим ќе биде легендарниот Димитар Пенев.
Билетите за овој благороден настан веќе се достапни преку продажната мрежа на Eventim, по цена од 15 лева.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |