Исплатени 2,3 милиони евра, стадион во Штип нема!

May 27, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Исплатени 2,3 милиони евра, стадион во Штип нема!

На денешниот брифинг со новинарите, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, покрај темите за популаризација на фудбалот, се осврна и на горливиот проблем со спортската инфраструктура, особено со стадионот во Штип. Најголема контроверзија предизвикува проектот за изградба на трибина на штипскиот стадион, за кој средства веќе се исплатени, но изведувачот не ја завршил работата до крај – иако во неговиот извештај тврди дека проектот е целосно реализиран. Од ФФМ засега не преземаат конкретни мерки, бидејќи според договорот, крајниот рок за предавање на трибината е 31 јули. Омерагиќ најави дека дури по истекот на овој рок, односно од август, федерацијата ќе почне со проверки и можни правни чекори кон одговорните страни. „Проблемот со новата трибина во Штип е што не е завршена иако изведувачот го тврди спротивното. Роковите се пробиени и одбивме да го потпишеме примопредавањето“, вели Омерагиќ. „Платени се сите обврски на федерацијата во износ од близу 2.3 милиони евра. Рокот за предавање е 31. јули 2025 година. Сепак, тоа што може да се види е тоа што има „мал милион“ недостатоци, а потрошени се многу пари. Реално, вака не може да има примопредавање или технички прием, тука нема дилеми“. „Во случај рокот да не биде запазен, односно да биде пробиен, а според се она што го гледаме тоа ќе се случи, раководството на Фудбалската федерација на Македонија ќе преземе соодветни институционални мерки за неисполнување на договорот“. „Слична е ситуацијата и со трибините во Охрид и Кичево. Таму веќе имаме нов надзор и во следниот период ќе работиме на алтернативни можности за евентуална завршница на тие инфраструктурни проекти“.  

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.