Историски чекор за македонскиот фудбал: Доделени сертификатите за првата генерација ВАР-судии

July 6, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Историски чекор за македонскиот фудбал: Доделени сертификатите за првата генерација ВАР-судии

Пред објектот на Фудбалската федерација на Македонија вчера свечено беа доделени сертификатите за првата генерација македонски ВАР-судии – значаен чекор во модернизацијата и дигитализацијата на домашниот фудбал. На церемонијата присуствуваа официјални претставници на ФФМ, судии, членови на ВАР проектниот тим, replay оператори, како и инструктори од ФИФА кои во изминатите месеци беа директно вклучени во обуката и евалуацијата на кандидатите. Процесот на едукација траеше повеќе месеци, опфаќајќи интензивни теоретски и практични модули, симулации, како и тест натпревари во кои ВАР системот беше имплементиран во реални услови. Круна на оваа етапа беше доделувањето на сертификатите од страна на македонските фудбалски легенди: Горан Пандев, Илија Најдоски, Агим Ибраими и Ѓорги Христов. Со поздравно обраќање се јавија проектниот лидер за ВАР, Дејан Јакимовски, и генералниот секретар на ФФМ, Леонид Јандреоски. „Ова не е само административен чин, туку резултат на месеци напорна работа и вистинска посветеност. Се вложивме максимално – од судиите, преку техничкиот тим, па до поддршката од ФИФА и МРТ. Денес не доделуваме само сертификати – денес поставуваме темел за доверба и фер-плеј во македонскиот фудбал“, истакна Јандреоски. Со ова, македонскиот фудбал влегува во нова ера. Почетокот на ВАР-технологијата не е само технолошка новина, туку јасна порака дека фудбалот кај нас се движи напред – кон транспарентност, фер одлуки и европски стандарди.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.