March 25, 2025 | | Македонија
Македонската фудбалска репрезентација одигра вистински трилер против Велс, но победата ѝ се лизна од раце во последните секунди. Во натпревар исполнет со тактичка битка и многу борба, избраниците на Благоја Милевски поведоа во 91. минута преку Бојан Миовски, но Велшаните со погодок во 96. минута успеаја да избегнат пораз во Скопје. Дуелот започна со внимателна игра од двете страни, но Велс беше тимот што повеќе ја контролираше топката. Најопасните моменти во првиот дел ги создадоа гостите – Томас во 33. минута се закани, а четири минути подоцна ја погоди и пречката. Нашата најдобра шанса ја имаше Алиоски по корнерот на Барди, но неговиот удар заврши над голот. Во вториот дел, селекторот Милевски направи клучни измени – Чурлинов и Атанасов внесеа свежина, а токму Чурлинов имаше златна можност во 65. минута, но голманот Дарлоу реагираше одлично. На другата страна, Велс беше блиску до водство во 73. минута, но Висар Муслиу со гол-линиска интервенција ја спаси Македонија. Финишот донесе вистинска драма – Миовски погоди во 91. минута и ја разгоре еуфоријата на трибините, но Велс не се откажа. Во 96. минута, Брукс ја искористи невнимателноста во нашата одбрана и донесе изедначување. Следниот предизвик за Македонија е уште потежок – на домашен терен против првиот фаворит во групата, Белгија.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |