Конечно ВАР и во мак-фудбалот: Имплементацијата во завршна фаза

April 10, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Конечно ВАР и во мак-фудбалот: Имплементацијата во завршна фаза

Македонскиот фудбал се подготвува за значаен исчекор – ВАР технологијата конечно ќе стане дел од Првата македонска фудбалска лига. Од следната натпреварувачка сезона, спорните ситуации на теренот ќе добијат нова димензија – таа на видео анализа, што е стандард во најголемите европски и светски лиги. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е во напредна фаза на имплементација на системот, а процесот се одвива во тесна соработка со ФИФА и УЕФА. Во рамките на својата програма за технолошка и спортска модернизација, ФФМ веќе има добиено понуди од неколку реномирани компании специјализирани за ВАР и моментално е во процес на избор на најсоодветниот понудувач. Проектниот тим на ФФМ интензивно работи и одржува редовни средби со претставници на ФИФА. Една од последните сесии беше посветена на IAAP програмата за асистенција и одобрување на имплементацијата, каде што се разменуваат искуства и најдобри практики за ефикасна интеграција на ВАР во националните лиги. „Имплементацијата на ВАР не е само технолошко подобрување, туку и суштинска поддршка за фер игра и транспарентност во судиските одлуки. Проектот не обезбедува само прецизност, туку и подобрување на инфраструктурата – како што се платформите за ТВ камери и условите на стадионите“, вели Дејан Јакимовски, проектен лидер за ВАР. Во согласност со глобалните стандарди, обуката и лиценцирањето на судиите ќе бидат клучен дел од процесот, како и поставувањето на технолошката и логистичка поддршка на терен. Сето тоа се реализира со целосно почитување на меѓународните регулативи за користење на ВАР системот. ФФМ останува посветена на унапредување на фудбалската инфраструктура и на создавање на услови за еднаков третман на сите клубови. Целта е јасна – помалку контроверзии, повеќе фер-плеј, и модерна лига достојна за македонскиот спорт.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.