April 27, 2025 | | Македонија
Во вистински спортски дух и со голема хуманост, селекцијата на ветерани на Македонија славеше со 2-3 против ветераните на Бугарија на ревијалниот натпревар одигран во Варна. Спектаклот се одигра со целосна поддршка за семејствата на жртвите од трагичниот настан во Кочани, при што сите приходи од настанот беа наменети за хуманитарни цели. Македонските ветерани, предводени од фудбалската легенда Горан Пандев, со гордост ја прифатија иницијативата покрената од страна на бугарските фудбалски асови, меѓу кои централна фигура беше Христо Стоичков. Натпреварот мина во исклучително пријателска атмосфера, со две полувремиња од по 35 минути, во кои доминираа спортскиот дух и меѓусебната почит. Натпреварот понуди и возбудлива фудбалска содржина. Прво Ристо Божинов погоди за водство на Македонија од 0-1, но Бугарите израмнија преку Камбуров од пенал. Потоа Пандев повторно донесе водство за македонските ветерани, исто така од белата точка. Михтарски погоди за ново израмнување (2-2), но Дарко Тасевски во 57. минута ја реши дилемата со победничкиот погодок за нашата селекција. Иако резултатот на крај гласеше 2-3 за Македонија, тој беше во втор план. Вистинската победа беше заедништвото, солидарноста и поддршката што фудбалерите и навивачите ја упатија кон оние на кои најмногу им е потребна. Овој настан уште еднаш покажа дека спортот има моќ да обедини, да донесе надеж и сила дури и во најтешките моменти. Фото: Sportal.bg
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |