Македонија лидер, но суперкомпјутерот ѝ дава само 4% за прво место

September 8, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Македонија лидер, но суперкомпјутерот ѝ дава само 4% за прво место

Септемврискиот квалификациски прозорец за Светското првенство 2026 заврши, а Македонија го задржа првото место во групата каде што се натпреваруваат и Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн. По пет одиграни натпревари, избраниците на Милевски имаат 11 бодови. Белгија е веднаш зад нас со 10 бодови, но со еден натпревар помалку. Велс има исто толку бодови како Белгија, но од пет меча, Казахстан е далеку назад со 3, додека Лихтенштајн е без бодови. Во октомври следува клучен период – на 10 октомври Македонија ќе гостува кај Белгија во дербито на групата, натпревар кој може многу да реши во трката за врвот. Три дена подоцна во Скопје пристигнува Казахстан, а квалификациите ќе ги затвориме на гостувањето во Велс. Иако во моментов сме лидери, калкулациите на суперкомпјутер покажуваат дека шансите за Македонија да заврши како прва сила во групата се само 4%. Многу пореално сценарио е пласман на второто место (24%), додека најголема веројатност има да завршиме трети (71%). Белгија, пак, е големиот фаворит – проценките се дека има 82% шанси да ја освои групата, додека 14% се дека ќе заврши втора. Велс има далеку помали шанси за првото место (14%), но многу поголеми за второто (62%), а 25% се шансите да биде трет.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.