September 4, 2025 | | Македонија
Македонската репрезентација ја прекина серијата од десет натпревари без пораз, откако денеска во пријателски меч во Прага беше совладана од Саудиска Арабија со 2-1. Селекторот Благоја Милевски излезе со комбиниран состав, давајќи им шанса и на фудбалери кои немаат голема минутажа. Саудијците ја отворија средбата поагресивно и веќе во 20. минута Ал Бураикан имаше одлична шанса, но Столе Димитриевски со сигурна интервенција го одбрани неговиот удар. Голманот на Македонија повторно беше на висина и во 32. минута, кога одбрани силен обид на Ал Харби од далечина. Казната за промашувањата на противникот стигна во 40. минута – Александар Трајковски со атрактивни ножички донесе водство за Македонија од 1-0, еден од најубавите голови на нашата репрезентација во поново време. Сепак, Саудиска Арабија веднаш возврати и во последната минута од првото полувреме Ал Бураикан израмни на 1-1. Во продолжението се играше поспор фудбал со малку возбудувања, но во 77. минута Кано со глава ја погоди пречката на нашиот гол. Само минута подоцна грешката на Енис Барди во средината ја искористи Ал Хамдан, кој погоди за конечни 2-1 и пресврт на Саудијците. За Македонија ова беше само контрола и подготовка за многу поважниот дуел – в недела од 18 часот на „Тодор Проески“ во Скопје ќе го пречекаме Лихтенштајн во квалификациски меч за Светското првенство.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |