Македонскиот бисер Лука Трпевски потпиша професионален договор со Црвена Звезда

May 20, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Македонскиот бисер Лука Трпевски потпиша професионален договор со Црвена Звезда

Лука Трпевски, 15-годишен талентиран играч од средниот ред, денеска официјално го потпиша својот прв професионален договор со српскиот шампион Црвена Звезда. Младиот фудбалер веќе две години е дел од белградскиот гигант, каде е стандарден во својата генерација и редовно настапува и за повозрасна категорија. Пред да се пресели во Белград, Трпевски фудбалски се развиваше во академиите на Македонија Ѓорче Петров и Вардар, два клуба познати по создавање таленти. „Професионалниот договор со Црвена Звезда многу ми значи. Сакам да се заблагодарам за дадената шанса, чувството е навистина прекрасно. Од мал сонувам да истрчам на стадионот со првиот тим на Звезда“, изјави Трпевски за официјалната веб-страница на клубот. Директорот на младинската школа на Звезда, Никола Јелиќ, потенцира дека не било лесно да се доведе ваков квалитетен млад играч, бидејќи за него сериозно интересирање покажале и други големи клубови од регионот. „Многу клубови беа заинтересирани да го доведат, но ние успеавме. Има одлична техника и удар, и се надевам дека ќе продолжи да го покажува својот талент во нашиот клуб“, изјави Јелиќ. Овој договор претставува огромно признание за работата и талентот на Трпевски, но и надежен сигнал за иднината на македонскиот фудбал на меѓународната сцена.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.