Македонските клубови пред европски парадокс: домашни мечеви – во странство?

June 23, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Македонските клубови пред европски парадокс: домашни мечеви – во странство?

Македонските фудбалски клубови што ова лето ќе се натпреваруваат во европските квалификации би можеле да се најдат во непријатна ситуација – да мораат своите домашни мечеви да ги играат надвор од Македонија. Причината е логистичка, но сериозна: Националната арена „Тодор Проески“ ќе биде затворена заради одржување на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), кој ќе се одржи од 20 до 26 јули во Скопје. Токму тогаш се играат мечевите од втората квалификациска рунда во Лигата на шампионите и Конференциската лига. Во првото коло нема проблем – Шкендија, Вардар и Работнички ќе играат на „Градски“, а Силекс во тренинг-центарот „Петар Милошевски“. Но, доколку се пласираат понатаму – а тоа е реална и посакувана цел – ќе нема каде. Арена „Тодор Проески“ е недостапна, а други лиценцирани стадиони по стандардите на УЕФА речиси и да нема во земјава. Особено сложено ќе биде ако Шкендија биде елиминирана од ЛШ – автоматски се префрла во второто коло од Конференциската лига, што дополнително ќе ја зголеми гужвата. Идејата за користење на други терени во земјава, како Битола, Струмица или Кратово, паѓа во вода поради инфраструктурни или административни ограничувања. Ако не се најде домашно решение, клубовите ќе бидат принудени да бараат алтернатива во странство – Србија, Косово, Албанија или Бугарија се можни дестинации. Но, тоа би значело дополнителни трошоци, замор, организациски предизвици и губење на предноста на домашен терен. Останува да се види дали Фудбалската федерација на Македонија и државните институции ќе најдат соодветен начин да ги поддржат клубовите.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.