Милевски: Добивме група која ни дава надеж!

December 13, 2024 | Kristijan Trajchov | Македонија

Милевски: Добивме група која ни дава надеж!

На денешното извлекување во Цирих, фудбалската репрезентација на Македонија ги дозна своите противници во квалификациската група за Светското првенство 2026, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико. Македонија е сместена во група со силни тимови како Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн. Селекторот Благоја Милевски изрази уверување дека оваа група носи реална шанса за неговиот тим. Тој верува дека ако репрезентацијата продолжи да ја одржува енергијата и позитивниот дух што го покажа во последните натпревари од Лигата на нации, Македонија може да се надева на добри резултати и можност за пласман на Светското првенство. “Извлекувањето во Цирих ни носи надеж. Добивме група со репрезентации со кои може да играме и да се надеваме на добар пласман. Белгија е голем фаворит. Една од најсилните светски селекции и ќе биде големо изненадување доколку не успее да го освои првото место во оваа конкуренција. Велс е одлична репрезентација, тим кој игра динамичен и брз фудбал. Се разбира дека влегуваат со свои пресметки за конечниот пласман во групата, но убеден сум дека можеме да се спротивставиме на вистински начин. Казахстан и Лихтенштајн можеби немаат позитивни резултати во последните квалификациски циклуси, но секој нов почеток е нова надеж и за условно, помалите репрезентации во групата. За мене е важно ние да го задржиме истиот пристап како на последните натпревари од Лига на нации, силно мотивирани да влеземе во квалификациите и да одново да се бориме за резултат кој може да ни донесе можност за евентуален пласман на големо натпреварување”, изјави Милевски.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.