Милевски: Македонија може да биде силна само кога функционира како тим!

June 6, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Милевски: Македонија може да биде силна само кога функционира како тим!

Македонската фудбалска репрезентација освои значаен бод во квалификацискиот натпревар против Белгија (1-1), еден од најголемите фаворити во групата, и уште еднаш покажа дека знае да се носи со силни ривали. Натпреварот се одигра на Националната арена „Тодор Проески“ пред полни трибини, а македонскиот тим се претстави со дисциплинирана и храбра игра. И покрај тоа што Белгија имаше водство и Македонија немаше среќа – со погодени две стативи и поништен гол на Елмас – момците на Благоја Милевски успеаја да се вратат и да израмнат во самиот финиш преку прекрасен гол на Алиоски. Селекторот Милевски по натпреварот ја изрази својата благодарност за поддршката од публиката, но остана фокусиран на предизвиците што следуваат. „Голема благодарност до сите што не поддржаа од трибините. Овој резултат ни донесе бод, но мислам дека заслуживме повеќе. Сепак, нема простор за славје, веќе се подготвуваме за дуелот со Казахстан“, рече Милевски. Тој потенцираше дека токму заедништвото и тимскиот дух ја прават Македонија конкурентна. „Македонија може да биде силна само вака, како тим. Сè уште сме далеку од пласман на Мундијалот. Мечот со Казахстан е можеби најважниот досега – можеби клучен за да останеме конкурентни до самиот крај на средбите во групата“, додаде селекторот. Македонската репрезентација веќе утре ќе патува за Казахстан, каде што в понеделник ќе го одигра четвртиот натпревар од квалификациите. Победа таму би значела огромен чекор напред во борбата за пласман на Светското првенство.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.