March 26, 2025 | | Македонија
Примениот гол во последните секунди го одзеде триумфот кој Македонија веќе го чувствуваше како свој. Селекторот Благоја Милевски не можеше да го скрие разочарувањето по драматичниот крај, но истовремено упати големи пофалби за своите избраници. „Честитки до момците за сѐ што прикажаа на теренот. Иако останува горчлив вкус по начинот на кој заврши мечот, морам да бидам задоволен. Се соочивме со исклучително квалитетен противник, составен од играчи кои настапуваат во најсилните европски лиги. Велс покажа дека е организирана, агресивна и тактички подготвена селекција, но нашите играчи уште еднаш демонстрираа дека од натпревар во натпревар растат и напредуваат. Ни недостига тој последен чекор, таа дополнителна зрелост за да се издигнеме над селекции од калибарот на Велс. Требаше да останеме максимално сконцентрирани до последните секунди“, изјави Милевски. Селекторот ја потенцираше одличната тактичка поставеност на тимот и нагласи дека и покрај несреќниот крај, Македонија докажа дека може да биде рамноправен противник на најдобрите. „Тактички одигравме на високо ниво против силен ривал. Начинот на кој го примивме голот беше резултат на комбинација од околности и грешки. Ова се моменти што се случуваат во фудбалот. Не верувам дека притисокот или еуфоријата беа причината – ова се ситуации што понекогаш се неизбежни“, додаде Милевски. На крајот, селекторот искрено се заблагодари за поддршката што националниот тим ја доби од трибините, нагласувајќи дека публиката беше вистинскиот 12-ти играч. Фото: МакФудбал
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |