Милевски: Тешко ми е да зборувам за тоа што се случи, утре сакаме победа!

March 21, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Милевски: Тешко ми е да зборувам за тоа што се случи, утре сакаме победа!

Селекторот на Македонија, Благоја Милевски, истакна дека е неопходно да се даде максимумот за освојување на трите бода во Вадуц, а воедно го има и стартниот состав за дуелот против Лихтенштајн. Во пресрет на натпреварот, Милевски се појави пред новинарите, каде што првите прашања беа поврзани со трагичниот настан во Кочани, кој одзеде 59 животи. „Тешко ми е да зборувам за тоа што се случи. Сакам да испратам искрено сочувство до настраданите. Би ве замолил да се фокусираме на фудбалот, бидејќи навистина ми е тешко да зборувам за било што друго“, изјави тој. „Црвено-жолтите“ ги почнуваат квалификациите за Светското првенство 2026, а нивниот прв предизвик е токму селекцијата на Лихтенштајн. Што се однесува до пресметката во Вадуц, Милевски истакна: „Дојдовме да ја продолжиме победничката серија, а тоа можеме да го направиме само со нашето најдобро издание“. „Ме радува што Елмас, Барди и останатите конечно добиваат повеќе минутажа во своите клубови. Но, тие и претходно го даваа максимумот за репрезентацијата, без разлика на тоа дали играа редовно или не. Верувам дека сега ќе биде уште подобро“. Тој откри дека првиот план им пропаднал поради одредени повреди кај некои играчи, но веќе го има конечниот состав на ум. „Знам со кои 11 ќе истрчаме утре на теренот против Лихтенштајн“, заклучи селекторот.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.