October 6, 2026 | | Македонија
Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Луцерн ја очекува нов тежок предизвик во Лигата на нации. По три порази и без постигнат гол, „црвено-жолтите“ ќе се обидат да ја прекинат негативната серија против фаворизираната Швајцарија. Пред дуелот, Висар Муслиу порача дека Македонија мора да покаже колективен карактер, особено во дефанзивата, каде што според него одговорноста не смее да биде само на последната линија. „Швајцарија не е само офанзивно силна репрезентација, имаат квалитет од голман до шпиц. Утре ќе ни биде потребна тимска игра, од напаѓач до одбрана. Сите мора да учествуваме дефанзивно ако сакаме да бидеме успешни“, изјави Муслиу. Искусниот дефанзивец призна дека атмосферата не е лесна по резултатите, но смета дека репрезентативците мора да преземат одговорност и да покажат поголема желба на теренот. „Се наоѓаме во тешка ситуација, нема резултати, а сите ги очекуваа затоа што така го навикнавме народот. Мора да ставиме прст на глава, да видиме што правиме и како се однесуваме кон дресот“, порача тој. Иако Швајцарија е фаворит, Муслиу не сака Македонија однапред да се откаже од своите шанси. „Лигата Б се знае дека е поквалитетна и од тимски и од индивидуален план. Но, мора нешто да покажеме. Не смее само противникот да се прашува, треба и ние за нешто да одлучуваме“, вели репрезентативецот. Муслиу се осврна и на критиките и навредите од јавноста, потенцирајќи дека репрезентативците се свесни за незадоволството, но дека токму во овој момент им е потребна поддршка. „Ние сме луѓе, имаме емоции. Кога оди добро и никој ништо не кажува, тоа е едно. Но, кога има толку навреди кон некого, не е убаво. Знаеме што се случува, не сме наивни. Сега ни е најмногу потребна поддршката“, рече Муслиу. Натпреварот Швајцарија – Македонија се игра вечерва од 20:45 часот во Луцерн, а македонската репрезентација ќе има тешка задача да стигне до првите бодови и првиот гол во групата.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |