Муслиу: Во вториот дел можеби заслуживме и повеќе!

June 7, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Муслиу: Во вториот дел можеби заслуживме и повеќе!

Висар Муслиу одигра цврст и сигурен натпревар против Белгија, повторно потврдувајќи дека е еден од најдоверливите дефанзивци во македонската репрезентација. Во ремито 1-1 на арената „Тодор Проески“, Муслиу беше стабилен во дуелите, позиционирањето му беше на високо ниво, а во неколку наврати успешно ги неутрализираше нападите на белгиските ѕвезди. По мечот, Муслиу со почит говореше за противникот, но и со гордост за настапот на нашата репрезентација. „Ние знаевме со каков квалитет ќе се соочиме и со каков ривал играме, знаеме колку ѕвезди има Белгија и каде ѝ играаат играчите. Но, ние мислам дека добро го изработивме дефанзивниот дел и тоа целиот тим. Одлични бевме сите, исто и голманот Димитриевски изреагира неколку пати.“ Муслиу, сепак, беше воздржан во коментарите за судиските одлуки. „Резултатот е реален, а од она кое го покажавме во вториот дел можеби заслуживме и повеќе. За судиите не можам да коментирам, не сум ги видел ситуациите, но се работи за судии кои судат во Премиер лигата. Дури и да се погреши, се случува, но ние одиме понатаму и мислите ни се кон Казахстан.“ Македонската репрезентација денес попладне заминува за Астана, каде што ќе се обиде да го продолжи позитивниот циклус и да остане конкурентна во трката за пласман на Светското првенство 2026. В недела е закажан официјалниот тренинг, а натпреварот со Казахстан се игра в понеделник од 16:00 часот.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.