December 29, 2024 | | Македонија
“Трансфермаркт“ ја објави новата пазарна вредност на Елиф Елмас. За жал, неговата вредност е намалена за повеќе од дупло каде сега вреди само 12 милиони евра. Оваа бројка е вистински шок, особено ако се земе предвид дека во март 2023 година, како фудбалер на шампионскиот Наполи, Елмас беше проценет на цели 26 милиони евра. Тоа беше историски износ за еден наш фудбалер, нешто што дури и Горан Пандев, нашиот фудбалски великан, никогаш не го достигнал. Но, падот во вредноста на Елмас не е случаен. Факт е дека цела година не успеа да се наметне како стартер во Лајпциг, а при крајот на годината следуваше повреда, што ја направи оваа 2024 година за него практично за заборав. На второто место се наоѓа нашиот репрезентативен капитен, Енис Барди, со вредност од 4,7 милиони евра. Да потсетиме дека во јули 2020 година неговата вредност беше неверојатни 20 милиони евра, што го прави неговиот резултат втор највисок во историјата на нашите фудбалери. Но, и Барди, исто така, има свои проблеми во Трабзонспор - повремено игра, понекогаш е надвор од составот, што го објаснува падот во неговата вредност. Следи Бојан Миовски, кој со своите 4 милиони евра вредност, во текот на 2024 година, ја достигна највисоката вредност во својата кариера. Првите шест месеци од годината ги мина во Абердин, а потоа премина во Џирона. За жал, и тој се повреди во завршницата на годината, што влијаеше на неговата вредност. Четврто место зазема Столе Димитриевски, кој сега вреди 3 милиони евра. За споредба, во септември 2022 година неговата вредност беше 4 милиони евра, што зборува за пад во неговата вредност. Овој пад е резултат на неговата мала минутажа во Валенсија, каде што игра само кога Мамардашвили се повреди. Вреди да се спомене дека Горан Пандев во 2008 година имаше вредност од 18 милиони евра, сума која денес би вредела многу повеќе па најверојатно би ја надминал дури и онаа од 26 милиони евра на Елмас од лани. Ова се моменталните вредности на нашите највредни фудбалери, според најновите податоци од “Трансфермаркт“. Иако Миовски е во пораст, сите останати играчи бележат пад во својата вредност, со најголем пад забележан кај Елмас.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |