Непланирано враќање во Тетово: Визите ги скратија подготовките на Шкендија

June 26, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Непланирано враќање во Тетово: Визите ги скратија подготовките на Шкендија

Фудбалерите на Шкендија беа приморани неочекувано да ги спакуваат куферите и да ги прекинат подготовките во Словенија, не поради повреда или лоши резултати – туку поради визи. Административните обврски за патување во Велс ги натераа „црвено-црните“ предвреме да се вратат во Македонија. По ремито 1-1 со бугарскиот ЦСКА Софија, тимот го откажа престојот во Словенија и пријателскиот натпревар со Олимпија Љубљана, кој беше планиран за крајот на мини-кампот. Причината? Амбасадините термини за обезбедување визи за гостувањето кај ТНС од Велс беа закажани токму за денес и утре – нешто што не може да се прескокне, дури ни во името на подготовки. Како алтернатива, Шкендија закажа контролен натпревар против албанскиот Динамо Сити на 1 јули во Тетово, со цел да остане во натпреварувачки ритам пред европската авантура. Првиот дуел со велшкиот шампион ТНС во рамки на квалификациите за Конференциската лига се игра на 8 јули на островот, а реваншот е седум дена подоцна во Скопје.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.