Нов пораз на Вардар, Шкендија славеше во дербито!

November 27, 2024 | Kristijan Trajchov | Македонија

Нов пораз на Вардар, Шкендија славеше во дербито!

Во рамките на 16. коло од Првата фудбалска лига, Вардар загуби од Гостивар на домашен терен со минимални 0-1. Гостите заслужено дојдоа до победа поради подобрата игра. Стрелец за гостите беше Асане Диата, кој го отвори резултатот со прекрасен погодок во 63. минута со гол од 16-тина метри. И покрај поразот, Вардар се искачи едно место па сега е на десеттата позиција со 12 бодови, исто колку што има и Воска која сега има полоша гол разлика по убедливиот пораз на гостувањето кај Силекс од 1-4. Фудбалерите на Шкендија славеа во дербито со Шкупи со 2-0 и останаа на врвот на табелата во ПМФЛ. Овој возбудлив натпревар од 16. коло се одигра на „Градскиот стадион“ во Тетово, пред бурна атмосфера, бидејќи, покрај домашните навивачи „Балисти“, присутни беа и гостинските „Шверцери“ од Чаир. Шкендија стигна до трите бода со голови во првото и второто полувреме. Тетовчани од самиот старт настапија агресивно, поставувајќи ја контрола на играта и поседот на топката. Во третата минута, Шкендија го отвори резултатот преку Аденис Шаља (1-0). Младиот напаѓач одлично ја следеше акцијата, откако Ибраими биеше од пеналтикот, а голманот Денковски успеа да одбрани само за момент. На одбиената топка, Шаља беше прв на местото и ја погоди празната мрежа. Во вториот дел, Шкупи имаше прилика од слободен удар, но не успеа да ја искористи, што им се врати како казна. Во 62. минута, Бесарт Ибраими одлично ја прифати топката пред шеснаесетникот на противникот и со рутина ја упати во спротивниот агол, удвојувајќи ја предноста на 2-0. Бргу потоа, тетовчани имаа нова шанса, кога Адаму Алхасан шутираше од далечина, принудувајќи го голманот Денковски на реакција. Шкупи, и покрај напорите, не успеа да го намали резултатот, а Ибиши од тешка позиција биеше малку над пречката, не успевајќи да ја искористи последната можност. Шкендија така продолжува да го води шампионатот, додека Шкупи мора да се задоволи со пораз.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.