December 30, 2024 | | Македонија
Масар Омерагиќ ја презеде највисоката функција во македонскиот фудбал, откако на Вонредното изборно собрание беше избран за нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Поранешниот фудбалер и успешен бизнисмен одлучи повторно да се активира во спортот, но овојпат како лидер на ФФМ. Во своето прво обраќање тој вети дека ќе работи чесно, транспарентно и во интерес на јавноста. Во предновогодишно интервју, Омерагиќ зборуваше за актуелни теми, вклучувајќи го статусот на селекторот Благоја Милевски и иднината на А репрезентацијата. ФФМ објави целосно видео од интервјуто, но најголемо внимание привлече неговиот став за националниот тим. Омерагиќ нагласи дека одлуките во фудбалот не смеат да бидат емоционални и дека треба да се носат рационално и во интерес на играта. „ФФМ и репрезентацијата се институции и носењето на клучни одлуки не може да биде водено од емоции. Тоа секогаш води до грешки. Мора да размислуваме фудбалски и да носиме разумни одлуки. Оваа генерација имаше тешки моменти, особено по Европското првенство кога го достигна својот врв, а потоа Горан Пандев се повлече. Многу играчи ги сменија клубовите и нивната улога, што се одрази на резултатите. Но, во последно време, репрезентацијата покажа одлични резултати. На само два месеци пред почетокот на квалификациите за Светското првенство, било какви драстични промени би биле нефудбалски и штетни за тимот. Селекторот постигна значајни успеси и заслужува поддршка од сите нас. Ова е време за обединување и заедничка поддршка на А селекцијата“, изјави Омерагиќ. Со ваквиот став, новиот претседател јасно стави до знаење дека стабилноста и континуитетот ќе бидат приоритет во неговото раководење со македонскиот фудбал.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |