Омерагиќ: ФФМ е во минус „милион“ евра, пред нас е многу работа

March 15, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Омерагиќ: ФФМ е во минус „милион“ евра, пред нас е многу работа

Новиот претседател на Фудбалската Федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, го презеде својот четиригодишен мандат со јасна визија за реформи. Во своето обраќање на редовното генерално собрание, тој директно посочи на главните проблеми со кои се соочува ФФМ и нагласи дека непланското трошење довело до финансиски дефицит од еден милион евра. „Во изминатите две години, федерацијата имала поголеми расходи отколку приходи, што укажува на потребата од подобро планирање, поголема контрола и јасна финансиска стратегија“, истакна Омерагиќ. Фудбалската академија, која треба да биде срцето на развојот на македонскиот фудбал, се соочувала со сериозни предизвици – недоволни ресурси, непродуктивни трошоци и недовршени проекти. Дополнително, младинските категории немале соодветна поддршка и долгорочен план за развој, додека состојбата на административната зграда и инфраструктурните проекти била далеку од задоволителна. „Средствата предвидени за инвестиции се веќе потрошени до 2028 година, но резултатите не се на посакуваното ниво. Многу проекти сè уште не се целосно функционални, а терените не обезбедуваат соодветни услови за играчите и клубовите“, додаде претседателот на ФФМ. Сепак, тој нагласи дека има и позитивни моменти, посочувајќи на успехот на А репрезентацијата, која докажала дека со тимска работа и верба во сопствените способности може да се постигнат големи резултати. Омерагиќ најави низа мерки за подобрување на состојбата, меѓу кои финансиска ревизија на сите досегашни проекти, нова стратегија за инвестиции во инфраструктура и строг надзор над трошењето на средствата. „Целта е да изградиме федерација што ќе биде стабилна, транспарентна и посветена на напредокот на македонскиот фудбал. Ова нема да биде лесен процес, но е неопходен. Време е да поставиме нови стандарди во нашето работење. Пред нас е многу работа, но ве уверувам – федерацијата повеќе нема да биде симбол на неорганизираност, туку институција што ќе работи професионално и во интерес на македонскиот фудбал“, изјави новиот претседател на Фудбалската Федерација на Македонија.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.